Недозволиво е при згуснат сообраќај регулацијата да се одвива само со семафори

Со Агрон Сулејман, првиот човек на невладината организација „Автомобилност“ зборуваме за проблемите во организацијата на сообраќајот во Скопје, за… 

Како го оценувате одвивањето на сообраќајот во Скопје во услови на блокади и реконструкции на сообраќајници?

– Гледано воопштено, сообраќајот во Скопје секогаш е на работ на целосен колапс. И тоа без разлика не времето од денот. Има неколку крстосници низ кои мора да се помине за да се пристигне до посакуваната дестинација. Со прекинување на изградбата на „Малиот ринг“ оневозможени се било какви алтернативни патишта. Гледано од оваа позиција, а ако за цел имате да го блокирате градот (како што е тоа сега случајот со превозниците) ќе имате крајно олеснета работа. Целосното или делумно затворањето на тие стратешки крстосници ќе го парализира градот и тоа во мерка која ја посакува организиаторот на тој хаос.

Што требаше да направат надлежните градски и полициски органи за проточноста да биде поголема?

– Уште при барањето на согласност за штрајкот тие точно знаат кои правци од градот ќе бидат под удар на блокадите. Очигледно тоа во овој случај не е направено. Напротив. Имавме активни семафори на крстосници со само еден слободен правец, па мораше да се чека да помине цел еден циклус за потоа да се помине. За тоа време (понекогаш и подолго од 90 секунди) се редеше колона од нервозни возачи. Потоа, недозволиво е при вака згуснат сообраќај, регулацијата на крстосниците кајшто може да се помине, да се одвива само преку семафори. Имаше критични места каде што беше неопходна регулација од полициски службеници. И додатно, имаше многубројни прекршувања од страна на недисциплирани возачи. Значи, освен регулирањето недостасуваше и соодветна контрола. Изведувањето на интервенции на одредени сообраќајници, и тоа во време на блокирани улици, тешко дека некој би можел да го оправда.

Потребно ли е подобро информирање на граѓаните за тоа кои сообраќајници се задушени, каде има најголеми гужви…?

– Во време кога секој со себе има моќен обработувач на информации (мобилен) навистина е неразбирливо да заглави на некоја улица поради недостаток на адекватна информација. Светот ги познава (за среќа и ги има решено) кризните ситуации, каде што надлежните прецизно ги мапираат критичните точки. Во една метропола каде најголемото достигнување е  организирање на „зелен бран“ (тоа на „Партизанска“ го имавме пред речиси половина век), изгледа очекувањата за подобра организација на сообраќајот ни се претерани.

Во градот постои и Центар за управување и контрола на сообраќајот. Дали, според Вас, има ефекти од овој Центар?

– Некаде при планирањето на изградбата на градот, дебело ја имаме утнато работата. Ние во „Автомобилност“ секогаш се осврнуваме на три фактори важни за безбедно одвивање на сообраќајот: човекот, возилото и сообраќајната инфраструктура. Ако како тема ја издвоиме само инфраструктурата ќе забележиме низа невралгични решенија кои го усложнуваат ефикасното одвивање на сообраќајот:

целиот сообраќај се одвива на исто ниво. Немаме мостови, надвозници, подвозници, тунелски прелази; пешачките премини, па дури и преку шест коловозни ленти, се изведени без семафори; на многу крстосници хоризонталната сигнализација е неефикасно изведена; неефикасно регулирање на светлосната сигнализација.

Ова се само неколку покрупни забелешки кои и во нормални услови знаат додатно да го усложнат и така компликуваното одвивање на сообраќајот. Сите тие добиваат далеку пострашни димензии при евентуални блокади или други вонредни услови. За жал, граѓаните на Скопје на сопствена кожа жестото ги почуствуваа тие последици.

Претходна вестРанетите момчиња на Косово се добро
Следна вестБожиќна магија на Никола Јокиќ