Јохан Риндевал е 39-годишниот поранешен работник во технолошката индустрија кој сега го води синџирот на социјални продавници (Matmissionen), односно „Мисија за храна“, во Шведска. Станува збор за социјални маркети во кои можат да купуваат само лица со ниски приходи, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Бројот на клиенти е двојно зголемен, бидејќи храната во осумте маркети на Риндевал се продава по поповолни цени со давање податоци за имотната состојба. Во главниот град на Шведска има пет маркети, од кои три се отворени годинава, два маркети има во Гетеборг и еден во Малме. Тие продаваат храна која била донирана од производители и трговци и која требало да се фрли. Тоа се претежно производи со оштетена амбалажа или краток рок на продажба.
Риндевал има три цели, да го ограничи фрлањето храна, да обучи работници и да понуди вработување. Приходите од маркетот ги користи за активностите на организацијата која донира храна, најмногу за бездомниците.
Според британскиот весник, ваквата понуда е сè понеопходна, бидејќи шведскиот систем за социјална заштита во последните години е намален. Јазот меѓу сиромашните и богатите се зголемува, односно има се повеќе луѓе кои се изложени на инфлација, која во просек на есен изнесуваше осум проценти.