Несовесни граѓани и градежен сектор се главните причинители за загадување на воздухот

Најголеми причинители за загадувањето во моментов се граѓаните кои горат секаков вид на отпад, а потоа и градежниот сектор, оцени денеска директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.

На денешната прес-конференција тој посочи дека од 31 декември не функционира „Макстил“, а „Цементарница“ работи со 50 отсто од капацитетите, а на 1-ви, 2-ри, 3-ти и 4 јануари во Скопје имало загадување на воздухот.

– Ние не можеме да влеземе во куќите без судски налог за да видиме кој што гори, но во дворовите доколку затекнеме отпад којшто планираат да го горат, имаме надлежност да постапуваме и овластените инспектори за животна средина и државните. Согласно мерењата што ги имаат направено од акредитирани лаборатории и континуираниот мониторинг што го имаат воспоставено кај овие две најголеми компании кои претходно загадуваа, се покажува дека загадувањето е во рамки на она што е дозволено, објасни тој.

Стојковски повика сите да работиме како да ја заштитиле животната средина.

-Имаме Закон за зеленило каде што пишува дека секоја градежна парцела треба да биде 20 отсто зеленило. Но, градоначалниците не даваат податоци колку од дозволите што ги даваат за градба го почитуваат Законот за зеленило. Се отвораат големи комплекси за продажба на различни производи каде што нема квадратен метар зеленило. Мора да се смени нешто во тој дел. Да се направи измена на Законот за зеленило и секоја парцела да има минимум 50 отсто зеленило како би се апсорбирале загадувачите и прашината. Има многу да се работи во тој дел, совеста мора да проработи кај сите, бидејќи сите го дишиме овој загаден воздух, рече Стојковски.

Претходна вестТасевски: Жално е што ова одекна насекаде, имаме разбирање за нашите барања за професионализам
Следна вестПрегазен пешак на Илинденска