Делегацијата на ЕУ и амбасадите ревносно ги следат сите случувања и се запознати со целата ситуација и ги разбираат нашите барања, изјави денеска претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски. Тој денеска беше повикан во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје по последните случувања во М-НАВ.
-Тие ги разбраа нашите барања за професионализам. Имавме разбирање од институции кои функционираат онака како што сакаме и ние да функционираме. Ни дадоа поддршка за сите дејствија што ни стојат на располагање. Жално е што ова одекна насекаде, рече Тасевски
Тој информираше дека за случувањата се известени сите синдикати од Европа со кои соработуваат и дека во знак на поддршка се организира посета на нивни претставници на земјава. Известена е и Светската организација на контролори на летање и меѓународни организации.
-Ова веќе ги поминува гаранциите од нашата држава бидејќи очигледно е дека ако останеме во рамки на нашата држава, не ја добиваме потребната поддршка во однос на она што треба да се направи за да бидеме професионална контрола на летање, рече Тасевски.
Тасевски информираше дека како синдикат побарале од МВР да ги преземе сите активности за лоцирање на виновниците за вчерашниот упад во М-НАВ и напад врз контролорите на летање, но и обезбедување на зградата на македонската навигација.
-Бараме од МВР да ги лоцира и открие сите сторители на настанот, да покренат соодветни постапки, без разлика дали лицата биле вработени, соучесници во целиот овој процес или се лица кои упаднаа. Побаравме да се делегираат лица кои ќе бидат обезбедување на објектот, бидејќи очигледно службата за обезбедување не ни е функционална штом успеаја лица кои не се вработени да влезат во објектот, кажа Тасевски.
Тој ги повтори следните чекори на синдикатот кои што ги најави преку својот фејсбук-профил и порача дека, доколку не се испочитуваат, од 10 јануари ќе биде затворен воздушниот простор над државата.