Невладините организации не сакаат да учествуваат во изборот на двајца нови членови на Судскиот совет и бараат преостанатите членови да поднесат оставки. Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството денеска соопштија дека нема да номинираат предлог член и негов заменик во Комисијата за спроведување на избори за членови на Судскиот совет од редот на судиите, по основ на распишаниот јавен повик согласно член 14 од Законот за Судски совет на РСМ.
-Поднесените оставки на двајца членови не се доволни за да го вратат загубениот легитимитет, а изборот на двајца нови членови на Судскиот совет нема да ја смени перцепцијата за досегашното постапување на овој состав на Судскиот совет и со тоа нема да ги исполнат во целост нивните очекувања. Единствен начин за надминување на состојбите предизвикани со незаконското работење на Судскиот совет е доколку и останатите членови поднесат оставки и доколку се иницира унапредување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста во процесот за избор на нови членови на Советот, се наведува во соопштението.
Според Законот за Судскиот совет, претседателот на Комисијата за избор, еден член и нивните заменици се избираат од Здружението на судиите, а еден член и неговиот заменик се избираат од редот на претставниците на здруженијата и фондациите, кои работат повеќе од пет години во областа на човековите права и владеење на правото.
За разлика од невладините, Управниот одбор на Здружението на судиите на вчерашната седница одлучиле да номинираат претставници во комисијата. Законот за Судскиот совет, во ваква ситуација пропишува, ако не се пријави никој од граѓанските организации, Советот да се обрати до Адвокатската комора и тие да номинираат претставници во комисијата за спроведување на изборот.