Ивановска: Четири години чекаме на разврска на пријавата до ЈО против Мерко, Судскиот совет ни ја загубил претставката…

Кривична пријава против Рамиз Мерко по која и по четири години се уште не се изјаснило Јавното обвинителство, загубена претставка против претседател на струшкиот суд во Судскиот совет…, се само дел од случаите кои денеска ги соопшти Антикорупциската комисија врзани за струшкиот градоначалник. Претседателката Билјана Ивановска, на денешната конференција за печат, изјави дека четири години не знаат што се случува со пријавата за предметот за купеното луксузно „ауди“ во ситуација кога Општината имала блокирана сметка. Тој предмет по сопствена иницијатива го отвори Антикорупциската комисија и поднесе кривична пријава до ОЈО за организиран криминал.

-Врз основа на наоди во медиумите, отворивме предмет за Рамиз Мерко во мај 2019 година. ДКСК констатираше дека градоначалникот свесно и намерно ја злоупотребил службената положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување, презел дејствија спротивно на начелата за законитост и интегритет, на јавниот интерес и интересот на општината. Со ова нанел штета на буџетот на општината и државата и прибавил противзаконска корист за себе и друг. Врз основа на наодите кои беа поткрепени и со извештајот од Заводот за ревизија, ДКСК до Јавното обвинителство, на 18 ноември 2019 година поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на Рамиз Мерко. Беа содржани и бројни наоди, рече Ивановска.

Таа објасни кога и кои се последните информации што ги добиле во врска со нивната пријава.

-Од Јавното обвинителство, на 4 декември 2019 година нѐ известија дека иницијативата е доставена во надлежност на обвинителството во Струга за натамошно постапување. На 4 декември 2021 година испрати ургенција во Обвинителството во Струга со цел да добие одговор дали е постапено по иницијативата. Оттаму на не извистија дека иницијативата е во ОЈО-ГОКК бидејќи Рамиз Мерко се товари за нанесена штета при вршење на јавни набавки. ОЈО-ГОКК издал наредба до МВР за натамошно постапување. На 4 август 2021 година од МВР добивме барање за доставување документи. Ги доставивме документите. Оттука натаму не знаеме што се случува со предметот, додаде Ивановска.

Од ДКСК поднеле претставка и до Судскиот совет против претседателот на Основниот суд Струга со сомнежи за политичко влијание но не знаат да кажат како е можно од Судскиот совет да добијат одговор дека советот не добил таква претставка.

-Претставката до Судскиот совет беше поради сомнеж за политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот Општина Струга за зголемување на минимум средства за извршување на основната дејност на Општината. Бидејќи, за две решенија со иста фактичка состојба и две образложени причини, донесени се различни одлуки“, кажа Ивановска.

Настапил молк и од Судскиот совет, па Комисијата во 2021 добила одговор: „По извршените проверки во електронската архива, таков предмет не е пронајден“.

-Ние имаме доказ дека претставката во Судски совет е примена, рече Ивановска и ја покажа потврдата за примена претставка.

Комисијата го пријавила Мерко и во Владата, од каде предметот бил пратен кај вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, која пак, како што кажа Ивановска, рекла дека ќе испитувала првин дали Мерко прекршил некаков кодекс.

Претходна вест70-годишен маж силувал 11-годишно девојче
Следна вестНевладините организации не сакаат да учествуваат во изборот на нови членови на Судскиот совет, бараат оставки