Никола Жежов: 26 историчари пред 3 години предупредивме дека ќе се случи ваков бугарски меморандум

„Скопско Ехо“ праша што мисли универзитетскиот професор и историчар Никола Жежов за бугарскиот меморандум упатен до земјите членки на ЕУ во кој се тврди дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година:

 –Не знам што сега по овој повод би кажал нешто поразлично од она што сум го кажувал пред три години во периодот на потпишувањето на договорот. Ова го најавував дека ќе се случи и сега сме сведоци на тоа. Предупредувавме и како група од 26 доктори на науки со посебна Декларација на сите негативности кои ќе произлезат од Договорот за добрососедството со Бугарија. Ова е веќе катастрофа од која нема поправање. Сега само ги чувствуваме последиците. И тогаш и сега кажувам дека со тој договор се сечат корените на македонскиот идентитет  и дека ќе излезе дека Македонците ја признаваат тезата дека се настанати како вештачка нација.

Ние како 26 историчари пред три години во заедничка декларација предупредивме и ги отфрливме обидите за редефинирање, промена и фалсификување на македонската историја – чијашто конечна цел е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја. Се спротивставивме на обидите за промена на вековното историско име на нашата држава. Тогаш ги повикавме сите општествено-политички фактори во Република Македонија да застанат во одбраната на нашето уставно име, македонскиот јазик и македонската историја. Како интелектуалци ја повикавме власта и опозицијата во Република Македонија да постигнат единство околу македонските државни и национални интереси и да пристапат кон изготвување македонска државна стратегија во која јасно ќе бидат дефинирани столбовите на македонската државност за кои ќе нема никакви преговори. Но, сега сме сведици што се произлезе од тој Договор со Бугарија, потенцира Жежов.

Претходна вестСтојан Андов: Бугарскиот меморандум треба да ги растрча претседателот и премиерот по европските земји
Следна вестТодор Чепреганов: Наши политички елити помагаат на Бугарите да го остварат она што не успеале 150 години