Ниту мразот не ги успорува, казнети 229 возачи, 6 биле почетници

И возачите кои во последниот период се здобиле со возачка дозвола прават сообраќајани прекршоци. Ова го покажува денешниот извештај на полицијата за вчерашните контроли направени на скопските сообраќајници од кој се гледа дека се санкционирани шест возачи-почетници. Инаку, при овие контроли казнети се вкупно 229 возачи.

-Меѓу нив за непочитување на брзина на движење санкционирани се 44 возачи, имаше и 17 санкции за возење без возачка дозвола, 12 за користење на мобилен телефон, пет санкции за минување на затворен сигнал(црвено светло), 6 мерки за возач почетник, седум санкции за некористење сигурносен појас и 53 санкции за непрописно паркирање, соопшти МВР.

Според Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата Возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А1“, „А2“, „А“, „Б“, „Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 км/час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 км/час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 км/час на автопат.

Не смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.

Возач – почетник од категориите „АМ“, „А1“, „А2“, „А“ и „Б“ не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен возач – почетник од категоријата Б ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице – возач, од соодветната категорија кое е постаро од 25 години и за кое не трае прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.

Возачот кој поседува возачка дозвола од „Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати.

Казната за не постапување по овие членови од Законот е глоба во износ од 200 евра во денарска противредност.

Претходна вестХрватска нема да ја чека ЕУ, ќе набавува руска вакцина
Следна вестКонечно се случи: Докторката Добринка и сестрата Габриела први примија вакцини против Ковид-19