Нов голем успех: Завршува објаснувачки скрининг со ЕУ, ќе се менувал менталитетот на владеење

Уште еден македонски успех на патот кон ЕУ. Вицепремиерот Бојан Маричиќ скоро секој ден како да врши директен пренос од „патувањето“. Сега раскажува за скринингот. Поточно дека ќе заврши некаков си објаснувачки скрининг.

Имено, во Брисел денеска ќе се одржи состанок за Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права“, со кој завршуваат објаснувачките скрининг состаноци за Кластер 1, „Темели“.

Вчера пак се одржа објаснувачкиот скриниг состанок за уште една област што првпат се воведува во пристапните преговори – „Функционирање на демократските институции“, во рамки на кластерот „Темели“, што е основна вредност врз која функционира Европската Унија.

–Реформските процеси не се само за воведување нова легислатива, туку и за промена на менталитетот и стилот на владеење. Знаеме и имаме искуство за тоа колку е важно владеењето на правото, како и тоа да имаме независни и ефикасни институции кои го гарантираат истото, рече вчера Маричиќ.

Кој ќе го смени менталитетот и стилот на владеење не беше соопштено. засега Маричиќ само кажува дека скринингот за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ официјално почна на 15 септември, и според неговите очекувања тоа ќе трае до ноември 2023 година.

Потоа ќе има уште неколку скрининзи. А потоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.

Граѓаните на Македонија пак, оценка за тоа колку се сменил стилот на владеење на коалицијата на СДСМ и ДУИ ќе дадат на избори.

Претходна вестСДСМ: ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Арсовска биле посветени единствено на тендери и лични бизнис интереси
Следна вестЗаврши настапот во Лигата на нации, следуваат квалификации за ЕП