Нов рекорд, најтешката тиква на светот тежи 1.250 килограми

Џиновската тиква, која го доби името Мајкл Џордан, го собори рекордот за најтешка во светот и на својот сопственик Тревис Џинџер му донесе награда од 30.000 долари. Победничката тиква на Џинџер, учител по хортикултура од Минесота, тежи 1.250 килограми, што е за 21 килограм повеќе од претходниот рекордер.

„Добро е чувството“, рече Џинџер на Светското првенство во мерење тикви во Калифорнија. Тој вели дека тиквата толку пораснала затоа што ја наводнувал и до 12 пати на ден.

Џинџер на 10 април засадил тиква во Минесота и потрошил околу 15.000 долари за нејзино одгледување, пишува „sfejt.com“.

43-годишниот Џинџер одгледува тикви уште од тинејџерските години и три пати го освојувал првенството во Калифорнија.

Ова интересно натпреварување започна во 1974 година за забава, во Сирклвил, Охајо и Халф Мун Беј, Калифорнија – два града кои се прогласени за престолнини на тиквата во светот.

– Овогодинешната победничка тиква го носи името Мајкл Џордан, најдобриот кошаркар на сите времиња, бидејќи таа е најдобрата тиква на сите времиња досега, рече Џинџер.

Тој додаде дека на почетокот тиквата личела на баскет, а Џордан носел дрес со број 23, што се совпаѓа со годината 2023 во која тиквата стана светски шампион.

Претходна вестПрегазена жена, возачот избегал
Следна вестНастава без мобилни телефони во Гази Баба