Новак Ѓоковиќ загуби од 123-тиот тенисер на светот и испадна од турнирот во САД

Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, сензационално испадна од Мастерс турнирот во Индијан Велс, откако е поразен од 123-тиот тенисер на АТП листата, Лука Нарди од Италија. За да биде сензацијата уште поголема, Нарди на главниот турнир влезе како „среќен губитник“, откако беше поразен во квалификациите од Гофин, но сепак се најде во главниот ждреп.

Италијанецот победи со 2-1 во сетови, 6-3, 3-6 и 6-4, откако едноставно беше подобар на теренот и сосема заслужено го елиминира индиспонираниот Ѓоковиќ. На Србинот ништо не му одеше од рака и немаше контра-игра за одличниот 20-годишен Нарди кој играше како во екстаза.

Воедно, Нарди е најслабо рангираниот тенисер кој го победил Новак Ѓоковиќ на мастерс или грен-слем турнир, а сега настапот на турнирот кој го освои дури петпати го завршува уште во 1/16-финалето.

После натпреварот, Ѓоковиќ беше видно разочаран, му честита на противникот, но не беше сигурен дали ќе настапи на турнирот во Мајами, кој се игра веднаш после овој во Индијан Велс.

Претходна вестПротест пред Министерството за правда: Стоп за извршителите, блокирани се 220.000 сметки
Следна вестНови 129 санкционирани возачи во Скопје