Протест пред Министерството за правда: Стоп за извршителите, блокирани се 220.000 сметки

Извршителите не го почитуваат законот за застарување на предметите, ниту пак ги почитуваат судските одлуки, реагираат од здруженијата Човекот над профитот и Нон пасаран. Овие здруженија, заедно со КСОМ и партијата на Ромите ПЦЕР вчера организираа протест пред Министерството за правда.

Учесниците на протестот од министерот за правда побараа да им наложи на извршителите да го почитуваат законот. Ова што сега го прават со непочитување на законот е кривично дело, вели Ана Глигорова од Човекот над профитот.

„Стоп за извршителите“, „Зошто го донесовте законот, зошто го лажете народот“, „Не играјте пинг-понг со народот“, „Нема да гласаме ако не се спроведува законот“ беа дел од паролите на протестот за почитување на одредбите од Законот за облигациони односи.

Повеќе граѓани поднесоа писмени барања до министерот за правда, Кренар Лога, за примена на измените од Законот за облигациони односи кои се однесуваат на застарувањето на долгови.

Претставници на здруженијата тврдат дека извршителите не ги почитуваат измените во Законот за облигациони односи кои се однесуваат на застарувањето на долгови. Овие измени се усвоени пред повеќе од седум месеци.

„Уставниот суд застана на наша страна, Народниот правобранител застана на наша страна. Само вие, извршната власт, не сте на наша страна“, изјави Глигорова.

Самка Ибраимовски, претседателот на партијата ПЦЕР, побара министерот за правда да го исполни ветувањето дека ќе постапува по одлуката на Уставниот суд.

Ненов Марјан од Но Пасаран рече дека се бара само да се процесуираат застарувањата, законот да го спроведе.

На протестот беше кажано дека има 220 илјади блокирани сметки од извршителите. Тоа се засегнати најмалку 440 илјади граѓани. Голем дел од нив веќе подолго време живеат без струја. „Министерство за правда да ни помогне да имаме струја. На свеќа живеам. Срамота. Лопови, лопови“, рече еден од учесниците на протестот.

Претходна вестВремето денес променливо облачно со повремени врнежи од дожд
Следна вестНовак Ѓоковиќ загуби од 123-тиот тенисер на светот и испадна од турнирот во САД