Новите договори за парното греење ќе може да се потпишуваат на три пункта но и дома  

Потрошувачите на чиешто име се води парното греење во домот ќе можат да потпишат нови договори за парно греење со ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје на три пункта во Скопје. Но, за оние граѓани кои од одредени причини не може да дојдат до пунктовите ќе биде овозможено и потпишување во домашни услови. Ова денеска го соопшти новиот снабдувач со топлинска енергија на градот Скопје, ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, како носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика.

Заради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е да се склучи Договор за снабдување со топлинска енергија.

-За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен на потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата. Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика, се наведува во информацијата.

За склучување на договорот потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач.

Во Скопје постојат три пункта, со работно време од понеделник до петок од 08 до

18 часот и сабота од 09 до 13:30 часот, на следните локации:

Пункт Центар на Ул.„Кочо Рацин“ бр.33 – Олимписки базен,

Пункт Исток на Ул. „Јане Сандански“ бр.49-н.Аеродром и

Пункт Запад на Ул. „Лондонска“ бр.8-н.Тафталиџе.

Корисниците можат веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и дека доколку од различни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена.

-Корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани од снабдувачот ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период, или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите. ЕСМ Снабдување ќе воспостави директни контакти, додека за корисниците кои не можат да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи Договорот да го склучат во нивниот дом. Правно не е можно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, односно е единствено можно да се склучат нови договори. Новиот снабдувач во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за он лајн наплата, соопшти ова претпријатие.

Претходна вестКога пребрзото возење ќе стаса до нови и поостри казни?
Следна вестРСБСП со „Визија нула загинати деца во сообраќајот“