Штипјанецот Бојан Миовски ја започнал својата професионална кариера во дресот на Брегалница во 2017 година, кога на 18 годишна возраст дебитирал во Првата македонска фудбалска лига во натпревар против Ренова. Во мај истата година, тој го постигнал својот прв професионален погодок во поразот на домашен терен со 1-2 од Победа.
Во последното коло од пренството 2016-2017, во кое Брегалница со 6-2 го победила Работнички, Миовски забележал дури три асистенции за своите соиграчи. По испаѓањето на Брегалница, токму таа одлична партија го препорачува во летото 2017 да се пресели во Работнички.
Сепак, во Работнички работите не се одвивале како што треба за младиот напаѓач и после само една сезона во која настапил само во два натпревари, Миовски го напуштил Работнички и се преселил во Македонија Ѓорче Петров, а од таму во средината на сезоната 2018-2019 отишол во Ренова, каде најпосле добил повеќе простор за игра.
Во јули 2020 година, по истекот на неговиот договор со Ренова, Миовски потпишал за унгарскиот прволигаш МТК Будимпешта. Миовски првиот гол за МТК Будимпешта во првата унгарска лига го постигнал на 3 октомври 2020 година против Будафок МТЕ. На 1 ноември 2020 година, тој постигнал два гола во победата на МТК Будимпешта од 4–0 над Ујпешт.
На 23 јуни 2022 година, Миовски потпишал четиригодишен договор со шкотскиот премиерлигаш Абердин.
Сега, Бојан Миовски, продолжува да си ја крева цената на фудбалскиот пазар со одличните игри во дресот на Абердин, кои му донесоа место во тимот на колото во Шкотска по ремите на неговиот тим против Селтик (1-1) минатата сабота.
Тој се најде во врвот на нападот во идеалниот состав, откако беше стрелец на погодокот на својот тим во пресметката со гигантот од Глазгов , за што претходно го доби и признанието за најдобар играч на натпреварот.
Ова беше седми гол за Миовски во последните осум средби за Абердин, со што само го зголеми интересот на повеќе европски клубови, кои претстојново лето нема да жалат пари да го донесат во своите редови.