Ако се донесат измените на Кривичниот законик, на кои уште се работи, во нив се предвидува ново кривично дело- кое ќе се вбројува во најтешките: екоцид. Станува збор за дело кое се однесува на масовно уништување на животната средина со умисла, објаснуваат од Министерството за правда за МИА.
Според предлог измените, за екоцид се предвидуваат затворски казни до 10 години, но и доживотни за предизвикување пожари на шуми, излевање на нафта/ хемиски отпад, дренирање на блатски екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми. Со други зборови, санкционирање на дела кои значат уништување на природата до степен од кој е речиси невозможно да се врати, односно обнови растителниот и животинскиот свет.
Инаку со измените кои се подготвуваат во Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, па во член 309 стои дека „оној што спротивно на прописите ќе произведе бучава, вибрации или нејонизирачко зрачење и со тоа ќе создаде чувство на вознемиреност или ќе го загрози здравјето на луѓето ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“