На големата сцена на Националната опера и балет вечер, со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена обновената балетска претстава „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски. Втората изведба е закажана за 12 април, известуваат од НОБ.
-Безвременската, волшебна балетска бајка „Заспаната убавица“ преточена во прекрасната музика на Петар Илич Чајковски ја воодушевува публиката на најголемите светски сцени повеќе од 100 години. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер, велат од НОБ.
Премиерно, балетската претстава се одржала во 2011 година во рамките на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Претставата е под диригентската палка на Бисера Чадловска, во кореографија на гостинот од Украина Виктор Јаременко, асистент-кореограф е Украинката Тетјана Белецка, сценограф и костимограф е Миодраг Табачки од Србија, светло дизајн е Милчо Александров, концерт-мајстор, Јане Бакевски, соло виолина: Климент Тодороски, известуваат од НОБ.
Во главните улоги на 28 март ќе настапат: Марија Кичевска Шокаровска, Франциско Хименз Руиз (Шпанија), Ивана Коцевска, солисти и балетскиот ансамбл во придружба на оркестарот на Националната опера и балет.
Во главните улоги на 12 април ќе настапат: Мими Поп Алексова Атанасовска, Франциско Хименз Руиз (Шпанија), Наташа Трендафилова Гицев, солисти и балетскиот ансамбл во придружба на оркестарот на Националната опера и балет.