Обрадовиќ досега потрошил 30.000 евра за билети – Во Партизан нема бесплатен влез

Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, досега сезонава потрошил 30.000 евра за билети за натпреварите на Партизан, објавуваат српските медиуми.
Тие посочуваат дека како тренер сигурно можел да добие билети бесплатно, но не сакал да ја искористи привилегијата туку ги платил сите билети што ги добил за семејството и пријателите. Ова во интервју за „Баскетњуз“ го истакна Зоран Савиќ, спортски директор на црно-белите.

„Никому не даваме бесплатни билети. Сите плаќаат билети, вклучувајќи ги и НБА скаутите. Жељко Обрадовиќ за билети досега потроши 30.000 евра. Јас, пак, купив 20 сезонски билети за моите најблиски. Сите плаќаат“, изјави Савиќ.

Поранешниот легендарен центар потоа ја појасни клупската политика, која е поради огромни интерес за средбите на Партизан.

„Веќе имаме 300 барања за натпревари против Басконија и Реал Мадрид во март од луѓе надвор од Србија. Имаме 16.124 сезонски билети, а ако имавме можност и капацитет, сигурно ќе продадевме 25.000 или 30.000 билети. Овој феномен е нешто што тешко може да се објасни“, дополни Савиќ.

Партизан денеска го игра мечот од 25. коло од Евролигата и тоа на гости кај италијански Виртус Болоња (20.30 часот).

Претходна вестДПМНЕ пекаше за Влада без ДУИ, а влезе во Влада со ДУИ – велат од СДСМ
Следна вестНајава за штрајк во ФЗО, од понеделник ќе се работат само неопходните предмети