Обвинителство: 20-тина пациенти се јавиле за да и помогнат на истрагата за Клиниката за онкологија

Во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавија на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да и помогнат на истрагата за Клиниката за онкологија со свои сознанија, соопшти денеска Јавното обивнителство.

Се наведува дека тим од јавни обвинители и истражители од ОЈО Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

-Со цел испитување на ваквите наводи, до овој момент од Клиниката е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа. Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите, се наведува во соопштението.

Надлежните јавни обвинители извршија распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти.

Во насока на целосно расчистување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во координација со Министерството за внатрешни работи, кое по наредба на јавниот обвинител врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации. Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката. Во дејствијата кои се преземаат во однос на наодите од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија во врска со Клиниката за онкологија, јавното обвинителство ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвувале извештајот и ги констатирале состојбите.

-ОЈО Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во РС Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји, се наведува во соопштението.

Претходна вестКај Миравци уапсени двајца скопјани, во нивното возило пронајдени мигранти
Следна вестНад Северниот пол се формира нов поларен вртлог кој влијае на времето во САД, Канада и Европа