Обвинителството бара казна од 10.000 евра за поранешната директорка на Кожна клиника

Предлог до надлежниот суд да и се изрече парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност упатило Скопското јавно обвнителство против поранешната директорка на Кожна клиника, Нина Цаца Биљановска. Таа беше обвинета за кривично дело – Пренесување заразна болест по член 205 став 1 од Кривичниот законик.

Во образложението на предлогот се наведува дека е утврдено дека таа на 29 февруари се вратила во Македонија од регион во Република Италија преку граничниот премин Табановце.

-Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на Владата согласно кои сите граѓани кои се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од КОВИД-19, особено од Република Италија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјава, се наведува во соопштението.

Се додава дека со заклучоците, на сите вработени во државни и локални институции и претпријатија им беше наложено доколку во претходните две недели патувале или живеат со некој што патувал во земјите од среден или висок ризик за ширење на заразната болест, да не доаѓаат на работа и за тоа да ја известат институцијата каде работат.

 -Но, обвинетата, иако како здравствено лице била свесна за ризикот, продолжила со своите работни обврски на Клиниката, а на 7 март била присутна и одржала предавање на симпозиум, со што ги довела во опасност сите учесници, предавачи, организатори и вработените на Клиниката. На овој начин таа заразната болест им ја пренела на седум свои колеги пред самата да биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести со позитивен наод за КОВИД-19, потенцира Обвинителството

Во текот на претходната постапка, јавниот обвинител направил детални проверки и ја обезбеди целокупната релеватна медицинска и друга документација која беше неопходна заради утврдување на решавачките факти. Притоа, беа направени проверки и беше побарана и обезбедена документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, а беа преземени и други истражни дејствија.

Инаку, Lекарската комора на Македонија во март годинава и изрече јавна опомена на директорката, а се очекуваше Судот на честа да одлучи за одземање на нејзината лекарска лиценца.

Претходна вестАмерикански и грчки авиони со прелет над Македонија ни посакаа добредојде во НАТО
Следна вест52 новозаразени од вирусот, четири пациенти починаа, не се исклучуваат нови мерки на регионално ниво