52 новозаразени од вирусот, четири пациенти починаа, не се исклучуваат нови мерки на регионално ниво

Има нови 52 заболени од корона вирусот и четири жртви во последното деноноќие, соопшти пред малку на прес-конференцијата министерот за здравство Венко Филипче. Тој информира дека по двајца починати имало на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“, а пациентите имале 73, 82,76 и 55 години

-Најголем број од новооткриените случаи повторно се во Скопје – 26, а останати од Штип – 7, Куманово – 6, Тетово – 9, Струмица – 2, Велес и Кочани по еден. Има и излечени 30 пациенти. Сега вкупно има 2.129 регистриани заболени, од нив 1.516 се излекувани, 126 починати и 487 активни случаи. Извршени се вкупно 27.684 тестирања, објасни министерот.

Филипче беше категоричен дека причината за новиот пораст на заболените од корона вирусот е непочитувањето на мерките од страна на граѓаните. Тој тврди дека не правел компромиси при носењето на одлуките во врска со заштитата од вирусот.

Министерoт најави дека во наредниот период ќе се прават проценки дали има потреба од воведување на нови рестрикциски мерки на локално ниво, односно во определени региони или општини во Македонија.

Инаку, за Филипче, зголемениот број на заразени е варијација и засега не се смета дека ќе има тренд на зголемување на бројот затоа што станува збор за познати контакти на заболени. Затоа и појасни дека се уште нема одлука за воведување на карантин.

Претходна вестОбвинителството бара казна од 10.000 евра за поранешната директорка на Кожна клиника
Следна вестАнализите ќе покажат дали во Сарај, Гази Баба, Чаир, Бутел и Аеродром ќе има карантин