Шилегов и Наумовски во клинч за депонијата кај Ново Село, до кога ќе слушаме препукувања, наместо решенија?

Депонијата кај Ново Село, во реонот на општина Ѓорче Петров ги скара градоначалниците Петре Шилегов и Александар Наумовски. Уште една „дежа ви“ ситуација кога станува збор за нереализирани, а ветени проекти, па кога надлежните почнуваат да си ја префрлуваат топката. Па така, Шилегов вчера на новинарско прашање го впери прстот во Наумовски дека тој и неговите служби се одговорни што депонијата уште ги гуши и труе скопјани. Наумовски му одговори дека не е баш така.

Веќе видено, во многу наврати претходно. Но, препукувањето на градоначалниците не е најважната вест, ами здравјето на скопјани, нервозата и гневот.

-Зошто секогаш граѓаните се жртва на политиките на локалните власти кои очигледно мислат само на себе и тие околу себе, а граѓаните им требаат само пред избори?! Време е да почнеме интензивно со кривични пријави против сите нив, оти не е само Ново село, тука е и депонијата кај Вардариште, во Маџари… Смачено ни е од слушање како е виновен овој или оној, сме ги гласале оти ветиле нешто поразлично, очекуваме решенија, но што да решат кога тие една депонија не можат да исчистат?! – пишуваат скопјани во врска со конкретниот проблем.

A еве ги изјавите на двајцата градоначалници за медиумите вчера:

-Депонијата во Ѓорче Петров, кај Ново Село е проблем стар повеќе од 20 години. Градот Скопје некаде во јануари месец влезе во целосно расчистување, во целост го да исчисти и мислам дека граѓаните можеа да го видат тоа. Недостатокот на инспекциски надзор што требаше да го направи општината Ѓорче Петров веројатно резултираше со повторно полнење на депонијата, рече скопскиот градоначалник.

Наумовски одговори дека надлежностите се заеднички и најден е моделот за решение на проблемот.

-Ги зачестивме кривичните пријави и казните, а соработката со полицијата е на највисоко ниво. Ова е проблем стар повеќе од 12 години за кој после толку време конечно некој иницира решение. Најдовме модел и со сите сили се обидуваме да го решиме што поскоро, рече градоначалникот на Ѓорче Петров.

И така, едниот ќе каже свое оправдување, другиот свое…, а депонијата си расте, си загадува.

Инаку, за целосно расчитување на депонијата кај Ново Село во јануари годинава беа одделени 10 милиони денари, но депонијата никогаш не беше целосно исчистена. И двајцата велат сега се подготвувал нов проект за средување на депонијата но ни едниот ни другиот не кажуваат колку ќе чини и кога ќе се реализира. А пак е од парите што од џебовите на граѓаните се слеваат во општините.