Од јануари ЕВН-Хоум ќе ја соопштува цената на струјата

Новата цена на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи во иднина ќе ја определува ЕВН ХОУМ наместо Регулаторната комисија за енергетика, како што досега беше праксата. Ова денеска го најави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ. Комисијата ќе има обврска само да направи проверка, но неизвесно е дали ќе може и да интервенира.

Ова се предвидува со новите измени во Законот  за енергетика.

-Нема повеќе да ја определуваме на тие начини, цената за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе ја објави ЕВН – Хоум , а претходно ќе ја даде на контрола во РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети  тарифните системи. Ние проверуваме, како го примениле, дали трошоци за набавка се тие, дали маржа, сето тоа ќе… ние ќе им ги вратиме, ќе им кажеме тоа и тоа не е применето. Ова се прави во речиси сите држави, само ние, Србија и Косово останавме каде РКЕ ја соопштува цената на електричната енергија, вели Бислимовски.

Новата цена, треба да се донесе до крајот на годинава, а да ќе важи од јануари. Од РКЕ соопштуваат дека нема да се прават никакви промени ниту кај тарифните блокови.

Останува неизвесно дали оваа промена ќе значи и повисоки сметки за струја, со оглед на тоа што регулаторите досега голем дел од пријавените трошоци на енергетските компании не им ги признаваше и не ги калкулираше во крајните цени.

Инаку од 1 декември се враќа и дневната евтина тарифа која домаќинствата ќе може да ја користат од 13 до 15 часот. Сепак за евтина струја ќе треба да почекаат околу 600 илјади домаќинства кои имаат стари броила, а ЕВН нив рачно ќе ги менува од 1-ви декември.

Претходна вестВо магацинот во тетовско Фалише изгореа околу 100 тона хемикалии, препорака да не се излегува од дома
Следна вестТетовец ја истепал мајка си