Од јануари „Комунална хигиена“ отстрани 150 диви депонии на скопското подрачје, ќе се преземе ли нешто да се запрат несовесните граѓани?

Дивите депонии никако да изчезнат од скопското подрачје. Колку и да се организираат акциите за нивното расчистување, тие пак се појавуваат. Денеска градското претпријатие „Комунална хигиена“ соопшти дека во периодот јануари-јуни 2024 година, екипите на Претпријатието подигнаа и транспортираа вкупно 2.500 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

-Интервенирано е во сите скопски општини, при што се отстранети приближно 150 диви депонии, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека покрај своите редовни активности, екипите на Претпријатието се секојдневно максимално ангажирани за извршување вонредни акции, како што е расчистувањето диви депонии кои што настануваат како резултат на непрописното и несовесното одлагање отпад на јавните и на сообраќајните површини. Во оваа насока, Претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнерите, кантите или корпите за отпадоци, а доставени се и фотографии од повеќе улции на кои се гледа како ѓубрето се фрла покрај контејнерите. Тоа е посебно случај на улиците: „Лука Геров“, „Борис Сарафов“ и „Христо Батанџиев“ во скопската општина Ѓорче Петров, „Даме Груев“ во општината Центар, улиците „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Јуриј Гагарин“ и булеварот „Партизански одреди“ во скопската општина Карпош.

Во текот на целата ланска година скопските комуналци од дивите депонии отстраниле 10.617 кубни метри отпад. Но, ете, дивите депонии пак настануваат поради несовесниот однос на дел од граѓаните. Како што се гледа од локациите и бројноста на депониите, се работи за не мал број на граѓани кои живеет во најурбанизираните делови од градот. Останува само дилема: дали работите и натаму ќе останат вакви или нешто ќе се презема да се спречи настанувањето на дивите депонии?

Претходна вестЦУК предупредува: Најавени се локални поројни врнежи со громови, да не се престојува на отворен простор
Следна вестНема подолги задржувања за влез и излез од државата