Од патарини лани собрани 53, 2 милиони евра, намалувањето на цената никој не го спомнува

На наплатните станици во државава лани е остварен промет во износ од 3.274.387.335 денари (53.242.070 евра), информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПД). Ланските приходи се за 6,6 милиони евра повеќе во однос на тие во 2021 година кога изнесуваа 46,4 милиони евра. Само во вториот квартал од годинава наплатени се патарини во износ од 745.037.340 денари (12 милиони евра).

„Најпрофитабилна“ е патарината Романовце, каде според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, остварениот промет изнесува 400.174.788,00 денари. Од наплатата на патарината на Миладиновци се инкасирани 266.361.767 денари, Глумово 258.299.622, Градско 248.125.247 денари, Желино 244.476.653 денари, Гевгелија 236.866.875 денари, Петровец 205.967.358 денари, Тетово 201.158.821 денари, Сопот 195.984.192 денари, Отовица 188.054.352 денари, Демир Капија 172.813.622 денари и Гостивар 164.536.337 денари. При споредбите на прометот на наплатните станици, треба да се земе предвид и цената на патарините по категории, како и дека Сопот и Отовица се единствени кои имаат наплатни кабини само во еден правец, а дека Преод и Кадрифаково се отворени во јули лани.

Очигледно, прибирањето на приходите на патарините оди во нагорна линија. Дали тоа треба да е и една од причините поради кои треба да се намали нивната цена. Поскапеното гориво, трошоци околу возилата, истенчените плати на граѓаните се главни фактори поради кои возењето по македонските автопатишта би требало да е поевтино. Околу тоа во минатата година имаше многу навестувања. Но, по сите барања и иницијативи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски лани во декември изјави дека таа тема речиси и да не е актуелна.

-Во овој момент немаме направено дополнителни анализи за тоа во која насока треба да одат цените на патарините. Во регионот во некои држави цените на патарините растат, кај нас остануваат исти, рече тој.

Инаку, министерот пред девет месеци рече дека веќе се подготвуваат и модалитетите на поевтинувањето.

-Се прават модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на државните автопатишта…, рече тогаш Бочварски.

Тогашната изјава дојде откако во јавноста се актуелизираше прашањето на скапите патарини во Македонија, откако се виде дека овие надоместоци се поскапи отколку во другите земји и откако во парламентот „Левица“ поднесе предлог за законски промени со кои тие ќе се намалат за 50 проценти.

Меѓутоа, тогашната најава како да се заборави. Во јуни минатата година министерот изјави дека темата за цените на патарините е актуелна.

Претходна вестСончево и ветровито,  температура од 17 до 23 степени
Следна вестПочна летното сметање на времето