Од вечерва подолг полициски час, од утре се затвораат угостителските објекти

Двонеделна забрана за движење на граѓаните од 20 часот навечер па до 5 часот изутрина од денеска почнува да важи во Македонија како нова мерка против ширењето на корона вирусот. Од денеска, како што одлучи Владата, се затвораат и фитнес салите, спортските и салите за вежбање и се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции. Од утре, пак, за гости се затвораат сите угостителски објекти, како и угостителскиот дел од обложувалниците. Тие ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.

Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Новите рестриктивни мерки имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам. Одлуката за затворање ќе трае до 20 април 2021 година.

-Се соочуваме со бран кој е предизвикан од мутација на вирусот која е различна во однос на карактеристиките кои вирусот и бранот го имаше во ноември. Имаме голем број хоспитализирани пациенти, лекувањето трае подолго отколку минатата година. Празниците кои доаѓаат дополнително може да ја комплицираат епидемиолошката ситуација. Во таа смисла се сите овие дополнителни рестриктивни мерки со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне, изјави вчера Венко Филипче, министер за здравство.

Претходна вестСончево мала облачност, температура до 14 степени
Следна вестСега воведуваат силни мерки, а до пред некој ден инсистираа за попис и дека се е под контрола