Сега воведуваат силни мерки, а до пред некој ден инсистираа за попис и дека се е под контрола

Пандемијата во Македонија замавнува посилно веќе подолго време. Надлежните власти направија анализа на ширењето на корона вирусот во последниве две недели, и го увидоа тоа исто така. Преполни се болниците, многу заразени, потешко болни и за жал починати пациенти…

Од денеска ќе почнат порестриктивни мерки. Требаше ли да се донесат порано?

Вчерашното објаснување на првиот епидемиолог Жарко Караџовски е дека се потребни неделни и двонеделни анализи за да се определат мерки. Па зарем ваквиот тренд на пандемијата не беше и порано од последните две недели? Со недели веќе се знае дека мутираниот вирус побрзо се шири, дека се повеќе луѓе потешко се разболуваат, дека се случува нов пик во кој ќе има многу заразени. Но тоа како да се тргаше во страна во чекањето на „анализите“.

А токму во тоа исто време јавноста ги слушаше убедувања дека на 1 април мора да почне пописот на населението, дека тоа ќе биде сигурно, дека нема да претставува ризик од ширењето на болеста, дека се е под контрола… Граѓаните опоменуваа, бараа да се одложи пописот, но власта беше упорна дека до него мора да дојде.

Дали анализите кои тогаш се правеа беа повеќе свртени кон пописот отколку кон пандемијата? За среќа, сепак властите во последен момент (море дури и после него) пописот го одложија за септември. Се чини повеќе како резултат на притисокот од граѓаните и опозицијата отколку од анализите на здравствените институции.

-Сега ни воведуваат силни полициски часови, а до пред некој ден велеа дека мора да има попис и дека се е под контрола, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

Многумина и прашуваат: „да не се одложеше пописот, тој да почнеше, ќе имаше ли воопшто вакви мерки?“

Исто како што сега јавноста, која го слуша првиот епидемиолог како вчера порачува „Вакцинирај, вакцинирај… бидејќи тоа е најдобра мерка“, се прашува: со што да се вакцинираме кога се уште нема доволно вакцини?

И за тоа ли се потребни нови анализи?

Претходна вестОд вечерва подолг полициски час, од утре се затвораат угостителските објекти
Следна вестДобро тече вакцинирањето, но кога ќе дојдат повеќе вакцини?