Со богата програма, Охрид и годинава достојно ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Програмата започна синоќа со одбележување на патрониот празник на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во НУ Центарот за култура „Григор Прличев“.
Вечерва, од 18:45 часот во УИНТ „Св. Апостол Павле“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“ – коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка. На истата локација од 19:00 часот ќе се одржи проекцијата на филмот „Тајниот код на Константин“, исто така во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка.
Утре, петок, 24-ти мај ќе се одржи централната свеченост. Во 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред монументалниот споменик на „Св. Кирил и Методиј“, по што ќе се доделат наградите за најдобрите ученици од општинските основни и средни училишта кои постигнале значајни резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари. Манифестацијата ќе се одржи пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Градскиот парк во центарот на градот.
Во Домот на култура „Свети Кирил и Методиј“ во населбата „Кошишта“, со почеток во 10:30 часот ќе се одржи Панихида и фолклорен концерт во чест на Св. Кирил и Методиј. Од 19:00 часот во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска. Чествувањата ќе завршат на истата локација, во црквата „Св. Софија“ од 20:00 часот со проекцијата на документарниот филм „Кирилицата – Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев.