Охридското Езеро се уште се брани од фекалиите што директно се испуштаат во него

Во Охридското Езеро директно се испуштаат фекалиите но тоа загадување не го нарушува квалитетот на водата благодарение на повеќе фактори, констатирал Институт за јавно здравје во својот извештај.

Институтот за јавно здравје излезе со извештај, откако изврши мониторинг на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење на Охридското езеро. Според она што е нотирано, може да се забележи дека приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба.

-Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото, наведуваат од ИЈЗ.

Хотел „Десарет”, автокамп „Градиште”, „Љубаништа” и „Ливадишта“, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум”, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во 2013 година, но истиот не функционира. Во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото.

Исто така во извештајот стои дека присутно е испуштање на санитарни и фекални води директно во речните корита од одредени приватни куќи. Потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од охридското езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео.

-Но, бидејќи станува збор за Езеро со значителен број на извори, постојано струење на вода, голема водна маса со способност за самопречистување, ова загадување не предизвикува големи промени во класата на водата, тврдат од ИЈЗ.

Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода се класификацираат како „одлична“ во поголемиот дел од мерните места. Квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како класа „добра“.

Извештајот содржи и податоци од мониторингот на квалитетот и безбедноста на водата во Преспанското и на Дојанското езеро. Согласно податоците (извршените анализи) на ИЈЗ за површинските води од трите природни езера, состојбата во однос на микробиолошките параметри за класификација на водите за капење е задоволителна, односно оценета е како „одлична“ во најголемиот број случаи.

 

Претходна вестТепачка на базен во Штип пред очите на децата: Мажи и жени разменуваа боксови, клоци, кубење за коси…
Следна вестДевојка заборавила каде го паркирала автомобилот, па пријавила кражба