Суштината на Преспанскиот договор, и Северна Македонија и Грција ја имаат исполнето – Грција за поддршка на евроатлантската интеграција, а Северна Македонија за прашањето за уставните измени и имплементација на името, смета министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи.
-Не е коректна констатацијата дека Грција нема исполнета ништо. Столбот на грчките обврските од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и европската интеграција. Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска. Денеска Грција е еден од најголемите лобисти во Брисел за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, изјави денеска Османи.
Заостанатите обврски, како што се меморандумите што треба да се усвојат од грчкиот парламент, меѓу кои и промена на таблите на патиштата, според министерот се „некаде на периферијата“. Според него, слични такви обврски има и Северна Македонија, како што се законските измени за имињата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Македонската радио-телевизија (МРТ).
-Истите аргументи што ние ги даваме дека не можеме да постигнеме консензус во парламентот, ги даваат и тие, рече Османи.
Тој се надева дека во добра атмосфера ќе се имплементираат и последните обврски кои се останати во двата Парламента.
Прашан дали постои можна најава за идно вето од страна на Грција, Османи одговори дека не постои таква можност и дека двете страни изразија надеж оти ќе се почитуваат обврските. На новинарско прашање што би се случило доколку идниот премиер продолжи да не го користи уставното име, Османи рече дека според најавите, не очекува да има прекршување на договорот.
– Не би сакал да прејудицирам, ќе чекаме недела дена, ќе видиме. Според најавите, не очекувам дека ќе има прекршување. Се разбира, не е објаснување дека говорно ќе се спомене друго име, а пишано другото име. Нема такво објаснување во меѓународното право, но очекувам дека е тоа само транзиција за да се подготви јавноста. Ние охрабруваме да се почитува Преспанскот договор. Тие немаат никаква обврска, никаква одговорност по однос на Преспанскиот договор, не го изгласале, не го поддржувале, меѓутоа имаат обврска да го почитуваат. Тоа е државнички однос, додаде Османи.