Оставката ја поднесов своеволно, Османи ја узурпира позицијата, одговара амбасадорот Тодоровски

Немало нерегуларности во мојата работа а оставката сум ја поднел своеволно барајќи да заминам во пензија, изјави денеска македонскиот амбасадор во Прага Сашко Тодоровски. Тој така одговори на денешната вест од министерот за надворешни работи Бујар Османи дека му е скратен амбасадорскиот мандат поради нерегуларности во работата. Едена од причините била и во тоа што својата сопруга ја именувал за „културно аташе“.

Тодоровски во изјава за Канал 5 демантира дека постоеле било какви нерегуларности во неговата работа.

–Османи откако стана министер побара ние како амбасадори да го известуваме него и само него. Тоа е тотална приватизација и узурпација на позицијата, ако некој ги прекршил законите и Уставот тоа е господинот Османи . Секој ден секој амбасадор треба да му праќа порака на Османи за нешто во неговата земја или организација на акредитација, што и како не е битно, но тоа е важно дека треба да биде порака на личниот телефон на министерот и само тој да биде известен за тоа прашање, што е спротивно на Устав и на закон. Ние како дипломатска мрежа имаме начин за известување во кое ги известуваме и претседателот и премиерот се разбира и министерот, вели Тодоровски.

Тодоровски вели дека е точно дека ја назначил неговата сопруга да биде аташе, но не од областа на културата, туку од науката, од причина што Најчевска е универзитестки професор.

-Јас нејзе ја задолжив да биде научен аташе. Тоа е одлука на амбасадорот како ќе ги искористи ресурсите кои постојат во неговата околина, објансува Тодоровски.

Тодоровски беше именуван за амбасадор во Прага пред две години, а од 2001 до 2002 беше шеф на мисијата во Советот на Европа во Стразбур.

Неговата сопруга Мирјана Најчевска, пак, во објавата на Фејсбук наведе дека Бујар Османи го приватизира Министерството за надворешни работи.

-Мојот сопруг поднесе оставка. Лакејот на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи започна хајка против мојот сопруг заради моите критички настапи како професор и експерт, и заради несогласувањето на мојот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството кое Османи го приватизираше. Мојот сопруг не се согласи со барањето на Османи (кој самиот изјави дека одговара единствено пред Али Ахмети) да го известува него и само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на Претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор. Сопругите и сопрузите на амбасадорите добиваат средства во висина од 10 отсто од платата на амбасадорот не за да се шетаат и да се проводат туку за извршување на дипломатски задачи кои им ги доделува амбасадорот, напиша Најчевска.

Претходна вестКина: НАТО се шири и во Азија, потребна е голема претпазливост
Следна вестПоранешна ученичка со нож нападна ученик и професорка во средно училиште во Белград