Откажан ОФФест, државата им ги преполови средствата

Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“ ја откажа одржувањето на годинашната манифестација ОФФест. Причина за ваквата одлука е износот на доделени државни пари за оваа манифестација на последниот конкурс на Министерството за култура, кои како што велат се недоволни.

– Доделените милион денари за ОФФест на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимална финансиски услови за одржување на ОФФест (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал. За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор, посочуваат од „Скопскиот џез фестивал“.

Тие нема да поднесат жалба до второстепената комисија бидејќи не сакаат да се изложат на понижувања, кои и со поддршката често ги имале со Министерството за култура во изминатите години.

– Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година. Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма, велат од „Скопски џез фестивал“.

Од „Скопски џез фестивал додаваат дека скратени се и парите наменети за Скопскиот џез фестивал кој треба да се одржи наесен.

– Од третманот на ОФФест, како и на есенскиот Скопски џез фестивал, кому, исто така, му се скратени средствата (за тоа во друга прилика), од актуелната министерка за култура веројатно не треба да бидеме изненадени. Особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“. Во што ОФФест и Скопскиот џез фестивал очигледно тешко се вклопуваат. Но, не е наше да се занимаваме со ликот и делото на министерката, заробени во скафандер, и со нејзиното педигре во културата. Се знае чија должност е тоа. Се разбира, еден министер за култура не мора да знае сè. Ништо – не е опција. Партијата, во улога на Господ, тука не може да помогне. Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ОФФест и Скопскиот џез фестивал, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи, велат од „Скопски џез фестивал“.

Од Установата информираат и дека ОФФест сепак ќе го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект „Sounds of Europe“, поддржан од Европската Унија (преку програмата „Креативна Европа“). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени.

Претходна вестШвајцарска влада: Конфискацијата на руски имот е кршење на Уставот
Следна вестНовинарите в петок на протестен марш за одбрана на достоинството