Отворајте „четири очи“ на улиците: Празници се ближат, пешаци се движат…

Да ти е страв на улица да излезеш. Во Скопје, а и во други градови низ Македонија пак зачестија сообраќајните несреќи во кои загинуваат или се повредени пешаци. Мора да отвораат „четири очи“ и самите пешаци и оние кои се во возилата.

Пред недела дена во Нов Дојран загина пешак откако во него удрило патничко возило, во Скопје автомобил удри и тешко повреди 26-годишен пешак на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, а пред три дена во Струмица дури и полициското возило „Шевролет спарк“ удрило и повредило 53-годишен струмичанец…

Да не набројуваме повеќе. Јавноста се уште не ги заборави оние најтешки незгоди каква што беше таа лани кога во Велес беше удрено и загинало 11-годишното девојче, кога кај скопски Сити мол загина 24-годишна девојка… Сето тоа доволно предупредува дека опасноста од ваквите сообраќајки постојано демне.

Анализите покажуваат дека годишно во Македонија во сообраќајни незгоди гинат околу 30 до 35 пешаци, а дека повеќе од половина се лица над 60 години. Истовремено, со полесни и потешки повреди се здобиваат околу 750 лица. Тоа е сериозен показател колку е опасно да се биде пешак и колку е лесно можни сообраќајки.

Кои се главните причини за ваков поразителен биланс?

На ова треба сите да си одговориме. Причините треба да се бараат на повеќе страни. Сепак најмногу треба да се погледне кон пешаците и возачите, тие често не ги почитуваат правилата.

Возачите пак треба посебно да отворат „четири очи“ затоа што децата немаат кочници.  

Почна претпразничен период кога по улиците, пешачките премини и тротоари се движат голем број на возилата и на пешаците. Да се внимава!

Намалена брзина, поминување на улиците само кога тоа е сигурно, максимално внимавање е најдобар начин да се намалат сообраќајки во кои страдаат пешаците. За ова, секако, посебно треба да се погрижи и полицијата. Таа треба да отвори „десет очи“, оти тоа и е работа за која е скапо платена.

 

Претходна вестКалин Ивановски повторно тренираше со Ѓоковиќ
Следна вестГерманската крајна десница за првпат победи на изборите за градоначалник