Па нели лебот ќе поевтини по 1-ви декември?

Поминаа 5 дена од почетокот на декември за кога владините функционери најавија дека лебот, млекото… ќе поевтинат. До каде е таа работа, во маркетите намалувањето на цените не се приметува?

Кога треба да се поскапи производ тоа се прави веднаш, а кога треба да поевтини тоа се одлага максимално. Ваквото искуство граѓаните одново го доживеа со производителите и трговците. Со денови наназад владините функционери, но и производителите од почеток на месецов, од 1 декември, најавуваа намалување на цените на основни животни намирници – на лебот, млекото, масло за јадење… најмалку за 10 – 15 проценти. Причина за тоа е што државата им обезбеди на производителите субвенционирана цена на електрична енергија, по 80 евра за еден мегават час.

-Од петокот секој ден прашувам во маркетот кој леб е поевтинет за да го земам, ама таков нема. Еве понеделник е и мислев дека од денеска ќе се сменат работите на поарно, но ништо од тоа. Си ги зедоа пекарите субвенциите и си тераат по старо. Има ли инспекции за ова, ни коментираше утрово аеродромец кој излегуваше од продавница.

Зошто цените останаа на исто високо ниво на коешто беа покачени кога се зголеми цената на струјата, па сега веќе не е таа цена на енергијата? 

Деновиве мелничарите најавуваат дека некакви намалување може да се очекува дури кон средината на месецов.

Да, цената ќе се намали, соодветно на намалениот трошок за електричната енергија, но тоа нема да биде веднаш туку најверојатно во втората половина на декември. Секоја компанија тоа го прави поединечно, си прават свои математики. Полека очекуваме по Нова година и суровините да се намалат, пазарот ќе се стабилизира и очекувам трендот да биде позитивен и да функционира нормалната конкуренција на пазарот, изјавија мелничари за телевизија Алфа.

Зошто сега се најавува дека дури на крајот од месецот ќе има намалување на цените?Ова треба да го одговорат надлежните органи, првенствено пазараната инспекција. Ако цената на струјата е намалена од почетокот на месецов, што се чека со цените на продуктите?

Граѓаните ја плаќаат субвенцијата, граѓаните да плаќаат и понатаму скапи – а  субвенционирани производи? Не е можно тоа да беше замислата кога Владата тргна да ги скротува високите цени. Ќе се реагира ли?

Претходна вестБугарија е крајно навредена од најавеното холандско вето
Следна вестРок мјузикл во МНТ: „Архангелот над Скопје“