Пак ли Универзална сала e оставена да чмае до некои нови ветувања?

Стивна бурата околу Универзална сала. Тоа и примирје пред нови бури или пак култната зграда ќе си чмае чекајки градоначалникот Шилегов да се сети на неа со некој нов предлог?

Во меѓувреме скопјани вријат. Граѓански собир чија цел е да не се дозволи уривањето на Универзална сала е закажан за утре во 20 часот на плато пред овој објект. Во најавата за собирот зад кој стои иницијативата „Солидарни за срцето на Скопје“ се повикуваат сите добронамерни граѓани.

-На 6 август – четврток, во 20 часот пред платото на Универзална сала, да бидеме солидарни за срцето на Скопје. Придружете се на собирот за Универзална сала, да не дозволиме да исчезне овој белег на Скопје, се наведува во најавата за собирот објавена на Фејсбук страницата „Градот убав“.

Најавата за протест е само дел од бројните реакции кои деновиве ги искажуваат граѓаните. Тие се случуваат по најавите дека ќе се урива овој култен објект за градот Скопје и дека на негово место ќе се направи сценско-парковска содржина. Скопскиот градоначалник неодамна изјави дека „вреди да се разгледа идејата Универзална сала да се урне и изградина нова локација“, сега за медиумите изјавува дека таа треба да се „сочува и ревстарира“.

Очигледно е дека јавноста сака постојниот објект да се реставрира. Моето лично мислење е да имаме квалитетен мултифункционален објект на друга локација и да ја реставрираме Универзална сала која својата основна намена како концертна сала ќе си ја задржи, изјави Шилегов.

Очигледно, јавноста си го кажа своето, а градските власти сеуѓте се со најави … Останува прашањето – кога Универзална сала ќе биде ревстарирана? На граѓаните им е добро познато дека нејзината обнова беше едно од клучните предизборни ветувања на Шилегов на локалните избори во 2017 година. Три години подоцна, ништо не е направено за исполнувањето на оваа ветување. Така, на пример, по доаѓањето на власт Шилегов со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски потпиша „писмо за намери“ за нејзина обнова во 2018 година. Но и тоа не се оствари. Во мај 2018 имаше најави дека реконструкција ќе следи во 2019 година. Последното ветување е од април годинава кога Шилегов рече дека проектот годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември минатата година беше најавено дека изградбата на нова сала ќе започне веднаш во јануари годинава и дека ќе биде распишан конкурс за идеен проект бидејќи два проекта кои веќе постојат не се добри.

Излегува дека сите досегашни ветувања за обновата на салата останаа неисполнети. Заради тоа, оправдано е прашањето дали и сега ќе се исполнат новите најави и ветувања дека таа ќе се реконструира? Односно, дека јавноста пак ќе биде сведок на нови и нови одлагања за обновата на култниот објект кој е длабоко всаден во колективната меморија на скопјани.

Тоа не смее да се дозволи.

Претходна вестГо бара ли полицијата тинејџерот-пироман кој се фали со палење шуми?
Следна вестМомче од Скопје криело дома два пиштола и 143 куршуми