Партиите да прикочат, валканата кампања да излезе од автобусот

Само еден ден откако претседателските кандидати го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори и еден ден пред официјалниот почеток на изборната кампања, денеска веќе почнаа настани обратни од потпишаното. Прво од еден медиум, а потоа и од владеачката партија СДСМ во јавноста се пласира тешко обвинување дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ лажирала и нарачувала анкети коишто потоа биле објавувани на Националната телевизија МТВ. Се покажуваат и некакви документи… На ова веднаш дојде и демант од ВМРО-ДПМНЕ: „На времето правеа бугарски летоци, сега измислуваат документи… можеле да бидат барем малку покреативни во измислувањето“. Опозиционерите најавија тужба за клевета, судски постапки…

Сето ова само негира нечии потписите за фер избори и ги потврдува стравувањата во јавноста дека претстојната кампања некој има намера да ја прави валкана.

Зарем вака ќе добиваат гласови и ќе не уверуваат дека тие се најдобриот избор за во следните 4 години?

На Македонија, на демократијата, на изборниот процес не им се потребни вакви обиди за дискредитација на политичкиот противник. Мора со тоа да се запре.

Јавноста уште се сеќава на неодамнешниот пример кога беше објавена фотографија на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска – Давкова со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за да се оцрни кандидатката дека ете се сретнала со сегашниот негаторот на Македонија, а за која се испостави дека е стара дури пет години и е направена во сосема друг контекст отколку оној што го следеше сегашното објавување на фотографијата. 

Дали тоа е патот по кој ќе се стаса до довербата и гласовите на избирачите? Искуства покажуваат дури и спротивни ефекти. А и јавноста вече праќа сигнали дека сака да слушне програма и што до сега е реализирано од старите програми.   

Партиите да прикочат. Изборниот караван тргнува, но од автобусот да излезе црната кампања. Да не го валкаат изборниот процес – кој нели е празник на демократијата.

Претходна вестБојмацалиев: Лекарот Ацо Трповски бил убиен на друго место а не во неговиот автомобил
Следна вестНесреќа во прилепско: Загина возач откако изгубил контрола над мопедот и паднал