Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население во Македонија до 2070 ќе се намали на 1,2 – 1,3 милиони жители. Ова е предупредување искажано на денешната презентација на проекцијатата на населението во земјава до 2070 изготвена од страна на Државниот завод за статистика.
Сите седум проекции за населението во Македонија во наредниве педесетина години на Државниот завод за статистика упатуваат на намалување на вкупното население во земјава. ДЗС денеска ги објави проекциите за населението во Македонија до 2070 година, во седум варијанти, со различни стапки на фертилитет и морталитет. Во најлошата варијанта, со низок фертилитет, населението до 2070 година ќе се намали на 1.120.272 жители, додека во варијантата со висок фертилитет, населението ќе се намали на 1.408.906 жители.
Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, на промоцијата рече дека позагрижувачки од негативни демографски трендови, е да немате свесност за проблемот.
– ДЗС врз основа на резултатите од Пописот 2021 изготви проекција според која населението до 2030 би се намалило на 1,3 милиони. Од трите клучни елементи, стапката на фертилит, морталитет и миграција, најзагрижичувачки е третиот. Барем засега, кај нас најзагрижувачки е стапката на иселување, а не стапката на фертилитет, изјави Пендаровски.
Според него, корупцијата е најголем двигател на иселувањето
– Најголемата закана по националната безбедност и иднината на Македонија е негативната демографија. Населението забрзано старее, државата забрзано се празни. Корупцијата меѓу најизразените фактори што продонесуваат за иселувањето. Штетните ефекти на корупцијата ги среќаваме во секоја сфера – зголемена сиромаштија и социјална неправда, загаден воздух, бетонизација на зелените површини, потпросечни резултати во образованието, одложена правда, поделби во општеството. Сето тоа создава амбиент на безнадежност и безпрерспективност кај многу наши сограѓани. Евидентно е дека се повеќе луѓе си заминиуваат не толку заради висината на платата, туку поради неквалитетот на животот, рече Пендаровски.
Според публикацијата, набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).
– Тоа значи дека задржувањето на вредностите на компонентите на движењето на населението на ниво на 2022 година (стапка на вкупен фертилитет од 23 отсто под потребниот за замена на генерацијата, за европските стандарди релативно кратко очекувано траење на животот од 76 години и многу висока нето-емиграција од преку 14 илјади лица годишно), би довело, до крајот на проекцискиот период, до енормно намалување на населението од 1,3 милиони лица, покажува публикацијата на ДЗС.
Истовремено, остварувањето на варијантите кај кои е претпоставено изостанување на надворешни миграции, со умерено зголемување на нивото на фертилитет, како и континуирано и релативно интензивно намалување на смртноста, би резултирало со намалување на населението за „само“ 346 илјади лица или за една петтина (19 проценти) во однос на почетокот на проекцискиот период.
Кај останатите пет варијанти, разликите во интензитетот на намалувањето на бројот на населението би биле помалку изразени, но, сепак, прилично интензивни. Според варијантата на средниот фертилитет, вкупното намалување би изнесувало 35 проценти (од 1,8 на 1,2 милиони жители). Истовремено, остварувањето на варијантата на висок фертилитет би резултирало со намалување на населението за 23 проценти (од 1,8 на 1,4 милиони). Треба да се истакне дека единствено според таа варијанта, намалувањето на населението не би било континуирано. Имено, под претпоставка на остварување на релативно брзо зголемување на фертилитетот, кој почнувајќи од 2034 година би се стабилизирал на 2,03 деца по жена, би можело да дојде до стопирање на процесот на намалување на населението, но дури после три децении, односно почнувајќи од 2064 година. Тоа укажува на комплексноста на демографската состојба во земјата, која најдобро се согледува преку ефектите од негативното миграциско салдо и многу интензивниот и напреднат процес на стареење на населението.
Да се надеваме властите ќе обрнат внимание на овие податоци и ќе преземаат соодветни мерки за да се ублажи негативниот демографски тренд во Македонија.
Инаку да потсетиме, пред три години Пендаровски истакна: „Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава“.