Пендаровски: Пописот ќе не соочи со стравот колку всушност сме малку

Пописот ќе не соочи со стравот колку всушност сме малку. Место да се обвинуваме кој колку придонел за тоа, треба да бараме заеднички решенија за намалување на иселувањето, порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој зборуваше на состанокот организиран од Државниот завод за статистика околу пописот на кој учествуваа премиерот Зоран Заев, спикерот на Парламентот Талат Џафери и градоначалниците на македонските општини.

Тој, по консултациите што ги направил со експерти, е убеден дека самото законско решение не е пречка да се одржи успешно пописот.

-Проблемите не се ниту законски, ниту технички, ниту здравствени, туку во неговата непотребна политизација, која се креира во јавноста со повици за бојкот ако резултатите не отсликуваат нечија замислена бројка. Тие не доаѓаат од една страна и се рефлексија на стравот од резултатите, што пак произлегува од концептот на човекови права како збир на привилегии што некој некому ги дава. Затоа, кога се пребројуваме во регионот се уште веруваме дека силата е во бројките и дека само така ги остваруваме правата. Но, човековите права не се привилегии што можат да се одземат или изгубат во зависност од нечија одлука или волја и тие не зависат од бројката, потенцира шефот на државата.

Пендаровски смета дека она што треба да внесува страв е бројката на граѓаните кои во изминативе години ја напуштиле земјава.

Ако постои една работа што треба да не исплаши, тоа е таа на иселени граѓани, на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага за подобра иднина. А, се иселуваат од секоја етничка и верска припадност, и од сите општини и градови. Тоа се чувствува најмногу на локално ниво и вие како градоначалници сигурно познавате ваши сограѓани кои купиле карта за еден правецрече Пендаровски.

Тој ги повика нив како и сите политички фактори да им помогнат на институциите подобро да си ја завршат својата служба во интерес на граѓаните.

Инаку, пред да биде донесен законот Пендаровски имаше интервју за државата агенција МИА во кое побара да се постигне компромис околу овој закон меѓу власта и опозицијата. Тој упати и порака да се прифатат конструктивните предлози на опозицијата.

-Разбирам, легитимна е битката за власт, легитимна е битката за подобри политики, легитимна е политиката на опозицијата да ја критикува власта, иако не мислам дека кабаетот овде е само сто процентно на едната страна опозициона. Но, би сакал да ги видам конструктивните предлози на опозицијата во однос на пописот да бидат прифатени. Зошто да не, изјави тогаш претседателот на државата.

 

Претходна вестИдентификуван уште еден член на „Јавна соба“, но тој е на Малта
Следна вестАдминистрацијата сепак на 1 февруари нема целосно да се врати на работа