По два месеци постојани протести против изградбата на Центарот за странци во непосредна близина на нивните домови, жителите на Бардовци, вчера, за прв пат беа примени од македонски висок функционер. Беа на средба кај претседателот Стево Пендаровски. Тој прв, иако по два месеци, ги слушна нивните постојано повторувани пораки и молби. Останатите и најнадлежни институции во владата останаа глуви на постојаните повици.
По средбата не соопштија детали за тоа дали Пендаровски е во тек со ситуацијата која на претпоследниот протест ја обелодени Владимир Бајлозов, еден од жителите. Имено тој рече дека клучниот документ на кој било јасно нагласено дека ваков Центар во непосредна близина на место на живеење може да биде опасност за населението – особено жените и децата, исчезнал од фиоките на надлежните институции.
-Господинот Пендаровски внимателно нè сослуша и ги разгледа аргументите кои ги поседуваме. Беше договорено дека дополнително ќе го разгледа случајот и дека ќе реагира во рамките на можностите. До сега, од локалната и извршната власт не беа подготвени да слушнат за нашиот проблем. Ставени сме пред ѕид на молк и на неисполнување на барањата на цела една населба, во која живеат и многу амбасадори. Иако, до сега се испратени официјални писма, барања за средба до Премиерот, Министерот за внатрешни работи, како директен корисник на објектот, сите пратеници во Македпнското Собранието, до сè уште актуелниот градоначалник на општина Карпош и до сите советници во општината, соопштуваат жителите на Бардовци.
Претходно за проблемот се заинтересирал и лично евроамбасадорот во Македонија, до кого тие испратиле писмо, бидејќи изградбата на Центарот е финансирана со европски пари. Она што исто така загрижува, според Бајлозов, е дека евроамбасадорот бил изненаден од се што се случува, па лично се заложил да бара објаснувања од македонските надлежни институции.