Пензионерите за април, мај и јуни ќе добијат 1.000 денари помош поради светската криза

Финансиска помош за пензионерите од по 1.000 денари за април, мај и јуни и промена на методологијата за усогласување и пораст на пензиите, договорија Владата и претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите и Партијата на пензионерите. Од Владата велат дека со новата методологија ќе се креира модел кој ќе овозможи усогласување и пораст на пензиите кои нема да зависат од политичката волја на која било власт. Пензионерите се задоволни со решението, бидејќи со него, како што велат, се утврдува дека пензиите се економска, а не социјална категорија.

-Заради енергетската криза и заради економската криза која произлегува, како од корона-кризата, така и од војната која што се води во Украина, се договоривме Владата да исплати финансиска помош на сите пензионери од по 1.000 денари за три месеци – април, мај и јуни, што треба да помогне во зголемувањето на буџетот на пензионерите, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата.

Усогласувањето на пензиите ќе се врши двапати во годината и тоа во март и септември кога Државниот завод за статистика ги дава официјалните податоци. Со ова ќе се креира модел кој ќе овозможи усогласување и пораст на пензиите кои нема да зависат од политичката волја на која било власт.

Од Сојузот на здруженија на пензионери велат дека се задоволни со постигнатото решение, бидејќи како што нагласи, тоа ќе доведе до долгорочно системско решение кое непосредно ќе се применува и нема да зависи од никаков акт на Влада, туку едноставно ќе обезбеди правна сигурност на корисниците на пензија, бидејќи фондот ќе може да ги усогласи пензиите врз основа на податоците што ќе ги добие од Државниот завод за статистика.

Во моментов, според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од јануари 2022, во земјава има вкупно 326.841 корисник на пензија. Од нив старосна пензија добиваат 220.831 корисник, семејна пензија 75.249 корисници, инвалидска пензија 29.736 корисници, воена 952 и земјоделска пензија 37 лица.

Според податоците од Фондот, највисока пензија во моментов изнесува 59.674 денари, а најниската пензија е 10.791 денари. Најголем број 20.809 корисници на пензија земаат од 20.000 до 22.000 денари.

Претходна вестБројката на тестирани и заразени се намалува, мерките и натаму исти
Следна вестРусија го блокираше Фејсбук