Перо Антиќ уште четири години на чело на МКФ

Легендата на македонската кошарка, Перо Антиќ (40), останува на чело на Федерацијата (МКФ), откако на Изборното собрание ја доби поддршката од делегатите за нов четиригодишен мандат.

За разлика од пред четири години, кога тој водеше жестока битка со тогашниот претседател Петар Наумоски, како и Владимир Темелковски, овој пат Антиќ немаше противкандидат, а вториот мандат го доби едногласно со 40 гласа „ЗА“ и само еден „против“.

Антиќ на воведното обраќање посочи дека прва цел ќе биде да го осигура спонзорот кој значително ќе им ја олесни работата на прволигашите. Според него, договорот треба да се кристализира и комплетира во наредните неколку дена.

– Ветувам дека ќе работиме уште понапорно во периодот кој што следува. Веќе работиме на тоа да обезбедиме нови спонзори. Верувам дека ќе бидете пријатно изненадени, посебно прволигашите. Конечно, онака како што беше поставено во програмата, ќе добиеме спонзор на првата машка кошаркарска лига. Клубовите ќе бидат ослободени од доста трошоци и очекувам дека тоа ќе биде официјализирано за три-четири дена, изјави Антиќ.

По добиената доверба, претседателот го објави и списокот на членови кои ќе бидат дел од Управниот одбор. Покрај стандардните Стојмир Дејановски, Јордан Цветановски, Енвер Мифтари, Владимир Огњановски и Александар Јончевски, во новиот тим за наредните четири години се и Димитар Ефтимовски како потпретседател, потоа Ѓорѓе Војновиќ, Илија Мерџановски, Владимир Арсовски, Блаже Костадинов, Игор Мицевски, Алтин Малиќи, Аднан Шариќ, Амир Абед, Слободан Трајковски, Виктор Петрушевски, Бранислав Стојановски, Мустафа Ливарека.

Претходна вестЛевица: Двојазичните униформи се спротивни на Уставот, Владата поттикнува федерализација
Следна вест14-годишно момче скокнало од прозорецот на основно училиштe