Петров и Богоев разочарани од молчењето на сопартиците, бараат да дискутираат, а не да се сликаат

Разочараност од односот на новоизбраните пратеници од редовите на СДСМ кои не дискутираа на вчерашната собраниска седница искажаа Андреј Петров, член на партискиот Извршен одбор и Стефан Богоев, партиски потпретседател во оставка.

Богоев на својот фејсбук-профил напиша дека пратениците треба да дискутираат, а не да молчат и да се сликаат.

-Пратениците треба да знаат дека се избрани од народот за во Собрание да аргументираат и дискутираат, а не да се сликаат и да молчат. Особено на седници на кои се формира владејачко мнозинство и се избира претседател на Собранието. СДСМ треба да има конструктивна, но пред сѐ корективна и проактивна улога во Собранието, Тоа мора да биде така од самиот почеток. Во спротивно, други партии ќе го преземат опозицискиот простор, напиша Богоев.

Петров во гостувањето на Сител телевизија рече дека го изел срам што денес никој од пратениците на СДСМ не зел збор на седницата на Собранието.

-За жал, малку и срам ме изеде заради однесувањето на СДСМ на таа седница бидејќи никој не стана да каже ништо, а веројатно требаше да им каже на новите коалициони партнери во власта дека сега може да биде Претседател на Собрание, што не го спорам, човек што има два пратеници во Собранието и што не е од македонска етничка група, што исто така не е спорно, но до пред извесен момент беше спорно за тогашната опозиција. Никој од тамошните пратеници од СДСМ не смогна сила да каже и тоа да ви кажам кај мене предизвика чувство на срам, рече Петров.

Според него, едно е да бидете конструктивни, и треба да биде опозицијата конструктивна, затоа што државата е пред партиите и треба заеднички да ја градиме.

Критика пристигна и од Мартин Костовски, член на СДСМ.

-Главна улога на пратеникот е да зборува на говорница да брани став и да презентира политики, “ќутолози” не му се потребни на СДСМ, фер е на почетокот на мандатот да се каже можам или не можам. Срамота е Левица да го контаминира опозицискиот простор на политичката сцена. Нема страв, мора жестока акција, молкот не е конструктивност. Сакам моќен СДСМ кој ќе го дроби ДПМНЕ на говорница, порача тој на својот профил на Фејсбук.

Претходна вестМалолетник со остар предмет се шетал низ трговски во Карпош
Следна вестТешка сообраќајна несреќа кај Младеновац, има загинати, над 20 лица се повредени