Петровска ги посети 35-те македонски војници во Романија: Давате личен придонес за колективната безбедност…

Македонските војници стационирани во Романија беа посетени од министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Таа во касарната „Отопени“ ги посети војниците од македонскиот контингент, кои се дел од мултинационалните сили на НАТО сместени во оваа сојузничка земја.

-Секој од вас дава свој личен придонес за колективната безбедност и за успехот на Северна Македонија како членка на НАТО, рече министерката Петровска.

Таа рече дека високите оценки за секој од 35-темина македонски војници во овие НАТО-сили ја оправдуваат довербата што ја добиле од Министерството и Генералштабот и им порача да продолжат да бидат посветени како и до сега, да даваат сè од себе, да создадат пријателства и познанства што ќе траат вечно и да се вратат назад во својата земја, кај своите семејства, побогати за едно големо искуство.

Петровска во базата „Отопени“ го посети павилјонот во кој се сместени македонските војници по што беше организиран и ручек со сите припадници на Армијата.

Инаку, Македонија својот придонес во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Романија го почна во ноември 2022 година со испраќање единица во јачина од еден вод, односно 35 припадници во рамките на овие НАТО-сили. Целта на мултинационалните сили на НАТО во источното крило на алијансата е да ја зацврстат колективната безбедност и да го демонстрираат единството на земјите членки во заштита на секоја педа сојузничка територија.

Претходна вестШведски град ги поттикнува жителите да си велат „здраво“
Следна вестТаткото киднапиран а синот избоден со нож во нивната семејна куќа во Берово