Петровска: Треба да има оставки во СДСМ

Мој личен став е дека по ваквиот изборен резултат на СДСМ, кој е најлош на изборите до сега, треба да има оставки во партијата, изјави синоќа се уште актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска. Таа така одговори на прашањето поставено во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 врзано за тоа дали смета дека партискиот лидер Димитар Ковачевски треба да поднесе оставка.

-Треба да има оставки. Но, да не се повтори истата грешка до 2021 година, кога имаше оставка од тогашниот лидер Зоран Заев, кога не се направи анализа и не се детектираа слабостите, а што сега го чинеше СДСМ уште помалку гласови. По ваквиот пораз треба да има оставки, но уште поважно е да се направи анализа. Една од слабостите е и централизирањето на одлучувањето во партијата во однос на назначувањето на претседателите на општинските организации без потребна консултација со членството, но има и други, рече Петровска.

Таа објасни дека кога вели анализа не мисли на долги политички дебати туку во внатрепартиска постапка да се детектира одговорност дали е тоа со име и презиме, со некоја одлука што е донесена, начинот на носење или неносење на одлуки.

-Јас секогаш внимавам таквите дебати да не ги водам во јавност, затоа што сум социјалдемократ по убедување и по дејствување. Мојот личен рејтинг ми е во втор план а многу поважно ми е како партијата ќе излезе од овој процес, нагласи Петровска.

Претходна вест125 санкционирани возачи во Скопје
Следна вестГлутница кучиња нападна скопјанец во кругот на државна болница: Тргнал да бега, ама паднал и се повредил