Петти ден од протестите: Напад и пукање кон колоната кај „Мавровка“, избегнат сериозен инцидент

Напад со истрели од пиштоли, како и со фрлање камења и шишиња кон колоната на граѓани кои веќе петти ден протестираат против францускиот предлог, се случи вечерва кај трговскиот центар „Мавровка“. Имаше и пресметката на две групи граѓани на просторот кај споменикот на Скендербег, но, за среќа, одбегнат е посериозен инцидент благодарение на акција на полицијата.

Според информациите, две лица пукале со пиштоли кон колоната, но тие не повредиле никого. Нападот се случил откако протестната колона којашто ја предводел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го мина подвозникот пред трговскиот центар.

Полицајците кои се нашле на местото на инцидентот, спречиле поголем инцидент и ги изолирале лицата кои фрлале со камења од правец на Старата чаршија. На местото на инцидентот со камења беа оштетени стаклата на неколку паркирани автомобили.

МВР вечерва потврди дека е приведено лицето што со пиштол во рака се закануваше и пукаше вечерва додека траеше протестот. Тоа е спроведено во полициска станица, а медиумите неофицијално информират дека се работи за сопственик на хотел во близина на плоштадот Скендербег.

По ова, големата протесна колона продолжи кон зградата на Министерството за надворешни работи и кон крајната дестинација- Собранието. Мотото и вечерва беше „Ултиматум – Не благодарам“, парола испишана на големиот транспарент којшто беше носен на чело на колоната. Освен него, протестантите кои се движеа придружувани со звуците од тапаните, носеа и голем транспарент на кој пишуваше „Со фашисти не се преговара“.

Пред зградата на Министерството за надворешни работи демонстрантите оставија цвеќе пред полицијата што го обезбедуваше објектот. Пред Собранието, пак, граѓаните  истакнаа и запалија голем плакат со сликите од пратениците од власта, со наслов „Предавници на народот“. Постојано се слушаа извици „Македонија, Македонија“, „Оставки, оставки“, „Никогаш Северна, само Македонија“ и други.

Повод за протестите е францускиот предлог со кој се предвидува давање „датум“ на Македонија за преговори со ЕУ, но всушност Бугарија ќе добие многу датуми на кои може да се меша во внатрешните работи на нашата држава. За протестантите е неприфатливо што македонската влада покажува подготвеност тоа да го прифати.

Претходна вестУапсен инспектор на УЈП, кој барал поткуп од 700 евра
Следна вестМицкоски: Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва