Пијан кумановец претепан и ограбен од 23-годишен велешанец

Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишник од Велес со привремено престојувалиште во Куманово, кој е осомничен за кривично дело – Разбојништво од член 238 став 1 од Кривичниот законик, донело Основното јавно обвинителство Куманово.

Обвинителството соопшти дека на 20 ноември, тој со употреба на сила од друг одзел туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои.

-Додека оштетениот се движел сам по улица во алкохолизирана состојба, осомничениот го забележал и го нападнал, удирајќи го со тупаници во главата и телото. Од ударите оштетениот паднал на земја, па осомничениот од џебот му го одзел паричникот во кој имало парични средства во различни валути (100 долари, 150 евра и 4.000 денари), како и банкарски картички и други документи. По настанот, избегал од местото на настанот, се наведува во соопштението.

Бидејќи постои основан страв дека осомничениот може да се даде во бегство, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​​

Претходна вестНаместо сегашните осум години, германското државјанство ќе се стекнува по пет години легален престој
Следна вестОд 22.050 невработени во Скопје само шестмина се јавиле на конкурсот за обука на оџачари