Планира ли ЕУ воопшто прием на нови членки?

Неколку мантри, односно „магични формули“ непрестано се цитираат во Македонија од страна на властите. Една од најсилните и најповторуваните е „евроинтеграцијата“.

Со години се повторува истото: „ЕУ е нашата иднина“; „Брисел е нашата единствена цел“, „Евроинтеграциите мора да се спроведат“…

Обземена од таа мантра, Македонија исполни многу болни барања и условувања од ЕУ. Властите во Скопје често не го слушаа гласот на граѓаните дека се плаќа превисока цена, си тераа по мантрата.

Но, некако ретко во Македонија се поставуваат прашањата: Има ли Брисел навистина намера да се проширува во догледно време? Ќе прима ЕУ нови членки или попрво долго ќе се реформира самата себе си? Реални ли се кажувањата на власта дека во 2030 година се очекувал влез на Македонија во Унијата?

Фини ветувања и топли зборови од евробирократите имаме на претек цело време: „Многу сакаме Македонија да ја видиме во Унијата“; „Држете го курсот, продолжете со реформите, целта ви е блиску“, „Сите ние сме европско семество“; „Веќе сте при крај на патот, само уште…“, …

Инаку, еуфорични ветувања за проширување на ЕУ целиот Западен Балкан доби уште на самитот во Солун во 2003 година. Па потоа низ годините почнаа со одржување на годишни самити, па некакви си Совети за проширување, па…

И?

Затоа, на посочените прашања треба да си одговориме самите ние во Македонија сосе власта. Се разбира, на овие дилеми треба да бараме искрен одговор и од Брисел. И сето тоа да се направи без паролите т.е. без веќе вообичаената мантра.

Секако, додека си ги одговараме овие прашања, треба сите ние во Македонија силно да работиме. Реформи, вистински реформи се потребни. Работа и развој е потребен, а не само мантрање околу ЕУ-проширувањето.

Нашата единствена алтернатива всушност треба да биде – заедништво и напорна работа во изградба на подобра Македонија.

А времето најдобро ќе покаже дали ЕУ не сака во нивното друштво. Ќе се види дали ЕУ е кредибилна организација која стои позади своите ветувања. До тогаш македонската власт треба да инсистира и работи на економски развој и на повидливи гаранции и заштита на македонскиот интерес, а не само слепо да исполнува барања од евробирократи.

Претходна вестУапсениот за убиството во „Шиша бар” учествувал во купувањето на автомобилот искористен за ликвидацијата
Следна вестИталија воведе данок од 40 проценти за профитот на банките