Платната и стиропорот го разубавуваат пазарот во Аеродром?

Аеродром често се фали дека е најурбанизираната општина во Скопје. Има широки булевари, дрвореди… Ама има и многу фалинки.

Една таква очигледна маана е централниот пазар позади ТЦ Бисер. Запуштен, со стари полузарѓани тезги густо наредени да не може двајца да се разминат, импровизиран кров кој некаде го има – некаде самите тезгаџии си го прават со картони, лим и платно…

Деновиве поради силниот ветар, дел од платната се откачиле па висат над главите на минувачите, дел од стиропорот кој тезгаџиите го ставаат на лимот за да колку толку се заштитат од студ и жега исто така се растурил…

-Плаќаме висока цена за една тезга, скоро како за мало дуќанче да даваш, а условите се никакви. Сами си ставаме штици под нозете за да не шлпаме во вода кога многу врне, а и за да не ни студи на ладниот бетон. Газдите ни ветуваат дека ќе го направат пазарот подобар, ама ништо од тоа до сега, ни вели еден од тезгаџиите.

Пазарот сега особено „двои“ од средината откако конечно се направи плоштадот позади трговскиот и убавите плочки завршуваат во нерамниот и на места разронет цемент од пазарот. Со среден Пазар целината би била одлична.

-Одам уште на пазарот, ми остана навиката – како еден вид ритуал, но често и го заобиколувам затоа што при дожд, при студ или голема топлина под тезгите е тешка ситуацијата. Им се чудам на тезгаџиите како издржуваат и како не инсистираат да им се подобрат условите за работа, објаснува аеродромец кој пазаруваше.

Да, пазарот е приватна сопственост и тука ингеренции нема општинската и градската администрација. Но може да се ангажираат и разговараат со приватниците. Секако, на потег се пред се самите сопственици кои треба барем да го подобрат, реновираат пазарот – еве. ако е криза, не мора нов да направат. Сето тоа ќе е добро и за тезгаџиите на кои им наплаќаат и за аеродроци кои пазарат и за самите сопственици оти ќе имаат подобар и повносен имот. И секако – за да биде Аеродром навистина средена општина.

 

Претходна вестАнита Бошковска и Катерина Георгиевска избрани за судијки во Врховниот суд
Следна вестНад два милиони демонстранти во Франција, имало судири со полицијата