Минатиот вторник јавноста имаше прилика да види како изгледа обновениот споменик на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција во паркот „Жена-борец“. До обновувањето мораше да дојде откако минатиот октомври се уште непознати вандали ја испокршија спомен-плочата која се наоѓа на задната страна од споменикот која имаше текст посветен на ова трагедија.
Потоа, насилниците кога видоа дека никој не ги спречува, ги искорнаа и буквите на натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“. Набрзо, со расчистувањето на остатоците од мермерот беше тргната и спомен плочата која беше посветена на Султана Нурџиева Делчева, мајката на македонскиот великан Гоце Делчев. Сега, по речиси цела година, „реновираниот“ споменикот доби ист лик само без двете спомен-плочи.
Од она што го кажа скопскиот градоначалник Петре Шилегов произлегува дека се немала намера да се врати плочата со текстот во кој беше напишана следната порака.„ 28.000 деца, најмногу Македонци од Егејскиот дел на Македонија и други места на Грција, насилно беа прогонети за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година… Останаа трајно раселени во источноевропските и прекуокеанските земји. Далеку од своите родни огништа… Овој Споменик е вечен паметник за геноцидот врз нив, нивниот егзодус и голгота“. Градоначалникот рече дека плочата била нелегално поставена е дека го осквернавила оригиналниот споменик.
Отстранетета спомен-плочата посветена на Мајка Султана не беше ниту спомената. Нејзиното поставување во 2006 година предизвика полемики меѓу здруженијата на Македонците по потекло од Егејска Македонија. Едното здружение бараше посебно и самостојно обележје и надодадената плоча на споменикот на бегалците ја сметаше за недостојна. Предизвика и незадоволство од внуката на Гоце Делчев Катерина Трајкова Нурџиева која, исто така, бараше посебно обележје за Султана, а што било договорено и со некогашниот премиер Владо Бучковски.
Сега и двете плочи веќе трајно ќе ги нема. Но, останува прашањето по што намерниците и туристите ќе знаат на што конкретно е посветен споменикот во паркот. На деца-бегалци од Егејска Македонија или на бегалците воопшто? Дали ова значи дека Султана Делчева ќе остане без какво и да е обележје во градот?