По 20-часовната расправа прекината седница за законот за ГА-МА, гласањето дополнително

Собранието по повеќе од дваесет часа утрово ја прекина расправата по  Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка. Дваесеттата седница на чиј дневен ред е овој Предлог-закон ќе биде дополнително закажана. Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Во текот на расправата која траше и изминатата ноќ, пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон.

-Власта не успеа да го изгласа спорниот законот за преценета продажба на ГА-МА. Ќе се обидат пак деновиве, но оваа битка во текот на два дена, две ноќи и едно утро покажа дека против ВМРО-ДПМНЕ власта не може, напиша на фејсбук потпретседателот на ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски.

Опозицијата смета дека предлог – законот е залутан во законодавниот дом и Собранието нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев рече дека тој и неговиот сопартец Борислав Крмов нема да го поддржат законот и оти ќе го дадат на Уставен суд.

-Ние пратениците не сме судии, па да пресудуваме. Парламентот не е суд. Парламентот нема неограничена дејност. Законодавната власт не може да ја суспендира судската власт. Овој закон е невиден преседан. Не може со закон да решавате судски спор. Тој се решава со пресуда или со судска и вонсудска спогодба, рече Апасиев, кој додаде дека ова е случај на вонредно судство за спор кој се води 15 години.

Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева рече дека пратениците од опозицијата тргнуваат од претпоставка дека се прави нешто криминално и заткулисно.

– Криминалецот секогаш гледа криминал. Криминално размислува. Никогаш не размислува поинаку па оттаму е тој порив да гледа криминал, рече таа.

Според неа, Владата можела да ја потпише Спогодбата и само да ја извести јавноста преку соопштение. Но, со влегување на спогодбата преку закон во Собрание, се остава можност за демократска дебата во врска со договореното меѓу Макпетрол и Владата.

Иако беа исцрпени сите 39 дискутанти од опозицијата, сепак, законот не беше изгласан бидејќи не беа присутни доволен број на пратеници од мнозинството. 

Претходна вестОблачно со повремени врнежи од дожд, на планините од снег
Следна вестВладата реши да се купат лесни оклопни возила од САД вредни 15 милиони долари