По еден клинец дневно да коваа Универзална сала до сега ќе беше готова

Ниту Министерството за култура ниту Градот Скопје не се доволно активни за овој проект да биде завршен како што треба, смета Мирјана Дилберовска

Универзално ја оправаат Универзална сала – со ветувања. Да, ова е универзалното решение за нашите функционери. Скоро целосно ја турнаа салата и сега со години ниту се гради од Градот Скопје ниту ја презема Министерството за култура.

Она што е започнато како реконструкција на објектот си стои, времето веќе го нагризува, а не се знае кога и како ќе продолжи. Таква е се уште судбината на скопската култна Универзална сала чијашто поправка е актуелна веќе цели пет години. Зошто е тоа така најдобро знаат министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска и скопската градоначалничка Данела Арсовска, тие се најповикани да ги мрднат работите од место.

Последна е изјавата на градоначалничката Арсовска дека околу продолжението на реконструкцијата ќе се произнесе Советот на Скопје. Ова тело ќе треба да се изјасни околу понудата на Министерството за култура да ја преземе салата за да ја догради, а потоа да ја врати на Градот Скопје. Но, еве пак се чека. Како и низ годините.

 -Вака како што стои Универзална сала е само грда, а нејзиното реновирање треба што побрзо да заврши. Но, ниту Министерството за култура ниту Градот Скопје не се доволно активни за овој проект да биде завршен како што треба. Мора да се забрза целиот процес, смета скопјанката Мирјана Дилберовска.

Историјатот на обновата на култната сала е долг. Уште од времето на градоначалникот Коце Трајановски за тоа се „лафеше“ па прв чекор за обновата на салата е направен во 2018 година кога тогашниот градоначалник Петре Шилегов потпиша „писмо за намери“ со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски. И потоа почнаа да се пролонгираа рокови, да се менуваа опции, проекти, за да дури во јуни 2021 се означи почеток на реконструкцијата, непосредно пред локалните избори со два милиони евра дадени од Владата. На изборите Арсовска го замени Шилегов, и наеднаш се појави проблем со стабилноста на објектот, со пропуст во проектот и потребата да се отклонат…

Жално. Среќа не може Универзална сала да зборува, многу што има да каже на надлежните…

 -Реконструкцијата мора да заврши и да се расчистат дилемите околу нестабилноста на објектот, јас се надевам дека двете страни ќе се договорат околу тоа, смета Ката Малакјан.

Дали и како ќе се постигне договор? На виделина излегува и тоа дека цената на реконструкцијата ќе биде значително поскапа од 2 милиони евра коишто Владата му ги даде на екс-градоначалникот Петре Шилегов. По средувањето на надворешниот дел на ред ќе дојде и внатрешното опремување кое ќе чини нови милиони евра. Проблеми може да има, но доста е со одложување – салата мора да се направи.

До каде е отклонувањето на пропустите?

Во јавноста нема ниту информации до каде е отколнувањето на пропустите во проектот поради кои градоначалничката Арсовска ги прекина работите на објектот. Таа на почетокот на минатата година изјави дека владините средства неплански се користеле, дека немало целосна техничка документација, дека нема гаранции дека објектот нема да се урне додека во сала има многу граѓани и дека е потребно ново техничко решение. Потребно било конструкцијата да се зајакне со дополнителни два носечки столба, да се дослоцира трафостаницата, да се зајакне арматурата… Дали ова е и направено, не се знае.

Претходна вестШкријељ: Од март минимална плата над 20.000 денари
Следна вестНе ги гледам ТВ дебатните емисии, но на Фејсбук ги гледам коментарите за нив